• slide
    slide

Известете ја околината

Ако се сомневате дека вашето дете има овчи сипаници, известете го вашиот педијатар.

Кога ќе се потврди дека се работи за овчи сипаници, многу е важно да ги известите во градиннката или училиштето, а детето да остане дома уште најмалку пет дена по избивање на последната сипаница; детето до тогаш е инфективно.

Избегнувајте јавни простории

За цело време на инфекцијата обидете се да избегнувате јавни простории за да не се пренесе вирусот и на други. Вирусот може да биде многу опасен за бремени жени и за лица со ослабен имунитет. Вирусот се пренесува по капков пат или со директен допир.

Што со туширањето?

Кај овчите сипаници лекарите препорачуваат туширање со млака вода 2 до 3 пати дневно. На тој начин се разладува кожата и последователно се намалува јадежот. По туширањето нежно со пешкир само впијте ги капките вода од кожата за де не ги дупнете пликовите и да доведете до појава на лузни. Бањање и потопување во када не се препорачува.

Особено внимавајте при нега на пеленскиот дел кај бебињата ако сеуште носат пелени. Дополнителната влажност го забрзува размножувањето на бактериите и го успорува сушењето на пликовите.

Водете сметка и за следното

  • Не се препорачува изложување на сонце, потта го зголемува чешањето.
  • Исечете му ги на детето ноктите за да се спречи чешање и при тоа пукање на пликовите.
  • На помалите деца можете да им ставите памучни ракавици во текот на ноќта.
  • Облечете му на детето памучна и лесна облека.
  • Внимавајте на хигиената на рацете за да спречите ширење на инфекција.
  • На секој час добро проветрете ја просторијата во која се задржуваат децата.
  • Подовите и масите често чистете ги со мокра крпа, а бројот на играчки ограничете го.
  • Ако детето има промени во устата давајте му ладни течности и храна. За полесно да јаде детето испасирајте му ја храната.
  • Избегнувајте премногу зачинета и кисела храна, затоа што дополнително ја надразнува слузницата.
  • Погрижете се детето да пие доволно течности.
  • Почесто перете ја постелнината и платнените играчки.

Можни комликации

Иако вообичаено овчите сипаници поминуват без поголеми проблеми, сепак постои одреден степен на ризик болеста да се искомплицира. Најчеста е инфекцијата на кожата и поткожното ткиво. Освен црвена, топла и на допир болна кожа, кај детето можат да се јават и други симптоми на инфекција: покачена телесна температура, главоболка, лошо расположение и губење на апетитот.

Ако приметите било кој од овие симптоми, не чекајте, туку веднаш јавете се на лекар:

  • покачена температура која трае повеќе од четири дена и е повисока од 39° Целзиусови.
  • силна кашлица и отежнато дишење
  • црвено,на допир топло, отечено и воспалено подрачје со осип од каде се цеди густа безбојна течност
  • јака главоболка
  • невообичаена поспаност, детето тешко се буди
  • детето тешко поднесува јака светлина
  • отежнат од
  • малаксаност
  • детето делува многу болно и повраќа
  • вкочанет врат

Болките или лошото расположение никако не смеете да ги ублажувате со лекови на база на ацетилсалицилна киселина затоа што може да предизвика Рејев синдром, кој има негативни последици на мозокот и црниот дроб. Доколку високата температура е присутна неколку дена, обратете се на лекар. Ако детето е поспано и покрај тоа што многу спие, посоветувајте се со лекар.